Македонија

Мицкоски: Владата треба да плати половина милијарда евра за обврски и пенали за коридорите

29.04.2023 14:53

Кога ќе се расчлени договорот со „Бехтел и Енка“ и се соберат обврските и пеналите, се доаѓа до податокот дека владата треба да плати половина милијарда евра за проектот со патиштата, а сè уште ни една шајка не е закована, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Министерот за транспорт и врски, Бочварски, вели дека граѓаните ќе се уверат во реализацијата на автопатиштата. Пенали нема …

На коридорите нема ниту шајка заковано, а до шести мај државата треба да плати повеќе од 230 милиони евра, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој објаснува дека според склучениот договор со конзорциумот „Бехтел и Енка“, предвидено е 117 милиони евра буџетски пари да се одлеат за подготовка на градилиштата, а ќе се плаќаат и пенали поради тоа што не е изменет законот за работни односи.

Министерот за транспорт и врски вели дека граѓаните ќе се уверат во реализацијата на автопатиштата. Пенали нема. Потврди дека се исплатени 117 милиони евра кон претпријатието за државни патишта, чиешто проектно одделение со конзорциумот ќе ги реализира останатите чекори од Договорот.

Дека парите се добиени на сметката, потврдуваат и од претпријатието за државни патишта. Наведуваат дека се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија… Во наредниот период ќе се снимаат локации, ќе се врши и подготовката на проекти, како и постапките за експропријација.

Анита Димитријевска Велковска