Се урбанизираат парцели за викенд населби кај Смоларскиот водопад и Мокринските извори
За да ја збогати понудата со сместувачки капацитети на водопадите на Беласица, Општина Ново Село урбанизира парцели за подигање на викенд населби со околу 40-тина станбени единици. Населбите ќе бидат кај Смоларе и кај Мокрино кои изобилуваат со водопади и други природни убавини и истите ќе имаат за цел да ги задржат гостите на повеќе денови во подбеласичкиот регион…

Кај населените места Мокрино и Смоларе на планината Беласица ќе никнат викенд населби со околу 40-тина станбени единици. За таа цел општина Ново Село работи урбанистичка документација, бидејќи сè поголем е притисокот од посетители на водопадите кои бараат сместувачки капацитети, кои недостасуваат во подбеласичкиот регион.
Градоначалникот очекува наесен да се продадат парцелите за викенд населбите кај овие две населени места. Според него, тоа ќе придонесе и за зголемување на посетителите во општина Ново Село, а како што кажа и поттикнување на локалното население да ги издаваат своите куќи кои не ги користат.
Годишно водопадите и природните локалитети на планината Беласица во општина Ново Село ги посетуваат околу 50 илјади гости од земјава, но и од странство.
Ване Трајков
