Охридскиот центар за спасители на вода ќе функционира како регионален
Стручноста на инструкторите на Центарот за безбедност на вода при охридскиот Црвен крст ќе овозможи од годинава тие покрај обуки на спасители на отворени води од земјава, од јуни да започнат и со обуки на спасители од соседна Албанија. На тој начин овој центар прераснува во регионален што покажува дека во овој сегмент сме дел од светската заедница во оваа област. Најавата дека на охридското крајбрежје ќе се поставуваат шанкови значи дека ќе бидат потребни повеќе спасители коишто ќе се грижат за безбедноста на капачите…

Центарот за безбедност на вода при охридскиот Црвен крст ќе прерасне во регионален центар за обука на спасители на отворени води. Покрај спасители од Охрид и земјава годинава за прв пат ќе се обучуваат 10 кандидати на албанскиот Црвен крст, кои ќе се грижат за безбедноста на капачите на албанскиот дел од езерото, но и на морските капалишта. Обуките коишто ќе се изведуваат во јуни ќе бидат по сите стандарди на Меѓународната федерација за безбедност на вода, чии лиценци и акредитации за работа се валидни насекаде во светот.
„Центарот за безбедност на вода на Црвениот крст на Македонија може да се пофали со тоа дека е на ниво на врвните организации во целиот свет, особено во делот на подготвеност и дејствување при катастрофи, во делот за безбедност на вода и безбедност на планина“, изјави Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид.
По најавите на охридскиот градоначалник дека ова лето дел од плажите ќе бидат уредени и на нив ќе се постават шанкови Точков рече дека според законот на нив ќе мора да има спасители на вода и соодветна опрема која ќе гарантира безбедност за посетителите.
„Свеста кај концесионерите, кај дел од нив, кај поголемиот број е навистина на високо ниво. Кај дел од нив е да ја избегнат таа обврска, законска обврска, а со тоа си ставаат на себе одговорност дека тие се грижат за некој несакан инцидент на капалиштето“, додава Точков.
Статистичките податоци од изминатите години покажуваат дека охриѓани се подисциплинирани од стружани во овој сегмент од туризмот. Сепак она што се случуваше со безбедноста за капачите на струшките плажи минатата година е алармантно, бидејќи од 15 уредени плажи само на две имало спасители на вода.
Сашо Нелоски
