Коцо: Судиите не покажаа професионална храброст
Судиите не покажаа професионална храброст, оценува поранешната судијка во Врховниот суд, Вера Коцо. Смета дека смената на претседателката на Судскиот совет била незаконска, можеби за да не се расправа за смена на судија од Апелација којшто дозволи застарување на предметот за прислушувањето. Коцо се согласува со изјавата на обвинителката Ристовска дека има трговија со влијанија при избор на кадри во Обвинителството…

Судиите не покажаа професионална храброст. Завршија одредени предмети, но по долги постапки. Дел од предметите паднаа и се задржуваа на Апелација, е оценката на поранешната судија во Врховниот суд, Вера Коцо во интервју за Радио Слободна Европа. Таа смета дека е недозволив начинот на којшто беше сменета претседателката на Судскиот совет, Дамева, оти нејзиниот заменик немал такво право. Коцо се сомнева дека била разрешена за Судскиот совет да не расправа за смена на судијата од Апелација, Енвер Беџети кој го врати случајот „Таргет-Тврдина“, а потоа делото застаре.
„Било предмет на разгледување дали да се стави на разгледување или не, и се поделиле членовите на Судскиот совет на две страни, едни биле да се разгледува, а другите најверојатно не биле, и од тие причини се доведе до прекинување на седницата и наеднаш се пристапи кон разрешување на претседателката, што е нонсенс, што е сосема незаконски“, вели Вера Коцо, поранешна врховна судијка.
Поранешната врховна судијка смета дека не смее да се игнорира работата на судијата Беџети во Апелација, кој сега се кандидира за врховен судија. Коцо смета дека и назначувањето на обвинителите за организиран криминал и за вишото обвинителство требало да се повтори, оти биле единствени кандидати. Против обвинителката Ленче Ристовска која посочи дека Советот на јавни обвинители е извор на трговија со влијанија при избор на кадри, не смеело да се поведе дисциплинска постапка за непочитување на етичкиот кодекс на обвинителите, смета поранешната врховна судијка.
„Ако се вратиме наназад каков беше изборот на одредени обвинители за високи позиции, каков што беше за организиран криминал и за шефот на вишото обвинителство, каде што и навистина првпат беше предвиден демократски начин на избор на јавен обвинител, сепак од тројцата кандидати, двајца се повлекоа“, нагласува Коцо.
Реакцијата на писмото на американската амбасадорка од Апелација дека немаат доволно судии, Коцо смета дека не држи оти ако немаат доволно кадар, се прави план за професионално постапување за да случаите не застарат.
Ирина Гелевска
