Дигитализацијата на локално ниво покажува дали државата е функционална и ефикасна
Преку дигиталната трансформација, јавната администрација и општините имаат потенцијал да бидат најбрзиот, наједноставниот и најрелевантниот извор на информации што ги засегаат граѓаните...

Дигитализирани општини, значат создавање на алатки и платформи каде што граѓаните, организациите и бизнисите, брзо и во секој момент ќе ја најдат потребната информација. Ова стои во прирачникот за електронски општини на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи и Фондацијата „Фридрих Науман“. На промоцијата во Скопје, германскиот експерт за дигитални стратегии, Кристијан Лејер, ја истакна потребата за создавање на квалитетни ИТ кадри.
„Мора да се почне рано со образование, да се креираат кадри кои ќе работат специфични работи како на пример да бидат експерти во дигитална безбедност, да работат на менаџирање со ризици во ИТ процесите и така натаму. Значи почнување рано, уште во основните училишта, за потоа да продолжат да се специјализираат на Универзитетите со што ќе добијат пракса најрано што може“, вели Кристијан Лејер-експерт за градење дигитални стратегии.
Дигитализацијата на локално ниво е првиот впечаток за граѓаните дали државата е функционална или ефикасна или, пак, спротивно од тоа, бирократизирана, односно дека граѓаните што ја финансираат ги става во втор план, истакна поранешниот градоначалник на Таунусштајн, Германија, Мајкл Хофнагел.
„Ако нешто не можете да направите сами, тогаш можете да направите заедно, ако тоа е од корист за луѓето кои живеат таму. Од најбазичните работи во една општина, собирање данок, менаџирање со природни ресурси и слично, поефикасно е доколку го правите во соработка со друга општина“, нагласува Мајкл Хофнагел, поранешен градоначалник на Таунусштајн, Германија.
Преку дигиталната трансформација, јавната администрација и општините имаат потенцијал да бидат најбрзиот, наједноставниот и најрелевантниот извор на информации што ги засегаат граѓаните. На тој начин општината ќе биде далеку поефикасна, но и активна против дезинформациите и теориите на заговор чиј директен таргет се јавните институции.
Катерина Топалова
