Прва НАТО обука за односи со јавност во кризи

12.05.2014 12:18

Државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефановски рече дека Македонија е горда што Центарот за обука за односи со јавност во кризни ситуации е дел од центрите на НАТО Алијансата...

Регионалниот центар за односи со јавност при Министерството за одбрана, кој од лани  е дел од Партнерските центри на НАТО Алијансата за едукација и обука и како единствен Центар за обука од областа на односите со јавноста, денеска ја почна првата работилница во која ќе се извршуваат обуки за односи со јавност во кризни ситуации.
 
Државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефановски рече дека Македонија е горда што Центарот за обука за односи со јавност во кризни ситуации е дел од центрите на НАТО Алијансата.
 
Ние сме посебно горди зашто нашиот Центар  е признаен како еден од 26 партнерски центри и специјализиран за оваа област. Покажуваме дека покрај учество во мировни операции имаме знаење и за други суштински работи. Ова е прва работилница после признавањето на Центарот и имаме предавачи и учесници од повеќе земји меѓу кои и од Норвешка, земјата која што го предводи овој процес, истакна Стефановски.
 
Регионалниот центар за односи со јавноста е формиран во 2005 –та. . Својот регионален карактер  го потврди во 2009 -та  во рамки на иницијативата „Форум за безбедносна соработка на Западен Балкан“ каде заедно со центарот за мировни операции (ПСОТЦ) од Сараево, Босна и Херцеговина и НХБ центарот од Крушевац, Република Србија, беа прифатени и промовирани како три приоритетни центри за регионална соработка.