Синдикатите со одделни протести, но со исти барања ќе го одбележат Меѓународниот ден на трудот
Под мотото „Работниците се државата“, Сојузот на синдикати на Македонија ќе го почне протестот точно напладне пред зградата на ССМ, а ќе го заврши пред Владата, а Конфедерацијата на слободни синдикати под мотото „За правда, за еднаквост“ ќе протестира два часа порано со крајна дестинација пред Владата.

Со барања за зголемени и достоинствени плати за работниците, пристојно работно време и почитување на колективните договори, денеска синдикатите ќе го одбележат Меѓународниот ден на трудот. Најавени се одделни протести на двата најголеми синдикати во земјава.
Под мотото „Работниците се државата“, Сојузот на синдикати на Македонија ќе го почне протестот точно напладне пред зградата на ССМ, а ќе го заврши пред Владата, а Конфедерацијата на слободни синдикати под мотото „За правда, за еднаквост“ ќе протестира два часа порано со крајна дестинација пред Владата.
За синдикатите е неприфатливо платите на работниците да не бидат зголемени кога се овозможува зголемување на платите на функционерите по одлуката на Уставниот суд. Нелогично е, велат тие, во време на инфлација да се укинуваат одредби од Законот за плати на функционерите со кои се овозможува зголемување на нивните плати, а од друга страна да нема зголемување на платите на работниците.
Првомајските протести годинава ќе поминат и во знакот на барањето за почитување на правото за пристојно работно време кое произлезе по најавите за 60-часовна работна недела како дел од пакетот закони кои се во собраниска процедура, а се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10Д. Ставот на Владата е дека законските измени се однесуваат само за инфраструктурни проекти и дека ќе се бара согласност од работникот за продолжено работно време.
