Македонија

Технологијата- пречка за детскиот развој

01.05.2023 14:21

Пречки со говорот, социјална интеракција и концентрација, се почесто се забележуваат кај децата на најмала возраст. Според стручните лица причините можат да бидат различни, но велат силно е влијанието од неправилното користење на технологијата и големата изложеност пред екраните.

Сè поголем е бројот на деца кои се соочуваат со тешкотии во развојот. Во Куманово сè почесто помош бараат родителите на деца со говорно-јазичните проблеми, но и проблеми со социјална интеракција, внимание и концентрација. Стручните лица појаснуваат дека на детскиот развој влијаат различни фактори, генетиката, личните карактеристики, но и опкружувањето во коешто детето расте, неправилното користење на технологијата и големата изложеност на екрани од најмала возраст.

„Таблетот на нив ќе им даде многу бои, тонови, ќе ги стимулира и можат со часови да останат, но тоа нема да придонесе кон правилен раст и развој на едно дете, кое треба да учи и истражува во околината. Многу често се случува и децата да не знаат да остварат социјална интеракција, да се дружат, научени се на телефон, не треба да враќаат таму, научени се само на слики“, вели Симона Трајковска, специјален едукатор и рехабилитатор/дефектолог од Куманово.

Трајковска појаснува дека не е поборник против технологијата, чие користење може да биде и корисно. Но родителите мора да го контролираат времето кое децата го поминуваат пред екраните.

„Доколку детето гледа телефон тоа треба да биде на мајчин јазик сите сме пораснати со цртани секако дека тоа е дозволено но сепак треба да биде во ограничено време и родителот со него да раскажува, а не само да поминуваат слики кои детето и не ги разбира“, дополнува Трајковска.

Стручните лица апелираат гледањето во екрани да се замени со сликовници и читање приказни.

Елена Георгиевска