Македонија

Намалено обесштетувањето на граѓаните од каснување на кучиња во Велес

01.05.2023 11:18

Граѓаните стравуваат од бездомните кучиња, локалната власт на Велес вели дека се бори со лажните пријави и вештачкото празнење на општинскиот буџет. Лани рекордна сума исплатени пари за обесштетување, годинава за три месеци рекордно најниска…

Граѓаните стравуваат по сопствената безбедноста и безбедноста на нивните деца, внуци од бездомните кучиња во Велес. И додека тие сметат дека има многу вакви незгрижени кучиња по улиците на градот, локалната власт вели дека успева да се справува со проблемот.

Минатата година локалната власт исплатила безмалку шест милиони денари за обесштетување на граѓаните од каснување на кучиња. И тоа за регистрирани 82 случаи. Оваа сума е највисока откако започна обесштетувањето.

Од овие пари, четири милиони биле исплатени на оштетените и два милиони на адвокатите. Лани четири милиони биле исплатени за првите три месеци, до 8-ми април, кога е потпишан договор со осигурителна компанија, со која таа ќе ги исплатува оштетените граѓани во висина од 90 отсто од досудената судска пресуда. До крајот на 2022-ра исплатени биле два милиони денари, за три месеци годинава само 84 илјади денари.

Градоначалникот на Велес, Марко Колев, објаснува дека се трудат по судовите да докажат дека дел од каснувањата се лажни. Вели, дека можел да остави да исплаќаат по спогодба и ќе останеле огромни суми кои се одлеваат од општинскиот буџет, но решил да се справи со сограѓаните кои лажно пријавуваат.

Петар Печков