Директорот на АЕК во официјална посета на Јапонија
За новите софистицирани производи, нивните планови за развој и можности за инвестирање надвор од Јапонија ќе се разговара со Сони ериксон (Sony Ericsson), Нисан Моторс (Nissan Motors), Софтбанк (SoftBank), Нипон телеграф и телефон корпорација (Nippon Telegraph and Telephone Corporation, NTT), КДДИ корпорацијата (KDDI) и други...

Директорот на Агенцијата за електронски комуникации Роберт Орданоски, во својство на потпреседател на Европското тело на регулатори за електронски комуникации (BEREC) оваа недела присуствува на официјална посета на Јапонија. Посетата е финансирана и организирана во рамки на меѓународната соработка на BEREC со регулатори и индустријата за електронски комуникации од развиени држави во светот.
Во рамки на посетата ќе бидат остварени средби со Министерството за внатрешни работи и комуникации на Јапонија со кои ќе се дискутира за модерните начини за регулација на пазарите за електронски комуникации, за ситуација на пазарите за електронски комуникации и за последните технички и технолошки трендови и развој. Покрај тоа ќе бидат остварени средби со претставници на високоразвиената информатичко комуникациска индустрија во Јапонија, соопштуваат од АЕК.
За новите софистицирани производи, нивните планови за развој и можности за инвестирање надвор од Јапонија ќе се разговара со Сони ериксон (Sony Ericsson), Нисан Моторс (Nissan Motors), Софтбанк (SoftBank), Нипон телеграф и телефон корпорација (Nippon Telegraph and Telephone Corporation, NTT), КДДИ корпорацијата (KDDI) и други.
Ваквиот тип на соработка и размена на искуства е од посебно значење, посебно во овој период кога се создава новата европска регулативна рамка во која активно учествува и Република Македонија преку Агенцијата за електронски комуникации.
