Битола

Сè почести се повредите на работното место

01.05.2023 11:30

Закони на хартија има, но колку тие правилно се применуваат за заштита на работникот? Пензионираните работници велат времињата се сменија, а сега поголем е и економскиот јаз. Од Организацијата за заштита при работа велат, сè уште на високо ниво се повредите на работното место…

Разликата помеѓу некогашниот и сегашниот работник постои. Ова го велат најголем број од граѓаните, но само повозрасните кои целиот работен век го поминале во работните објекти, а сега се пензионери, се одважуваат гласно да зборуваат. Некогаш празникот на трудот се славеше со еден поинаков елан. Одамна се стопи онаа средна класа која ги полнеше излетничките места и можеше да си дозволи богата скара. Економскиот јаз велат е сè поголем, а има работници кои се манипулираат кога се во прашање нивните права.

Закони на хартија има, но колку тие се применуваат за заштита на нивното здравје и безбедност. Од битолската организација за заштита при работа велат дека месечно има околу 20-сет повреди. Подобрување има, но велат мора да се подига безбедносната култура.

Статистиката вели дека најризични сектори се градежништвото, рударството и земјоделието.

Стевче Митевски