Меѓународен ден на трудот

За 1-ви Мај на скара пред Влада: Ќебап за работникот, бифтек за власта

01.05.2023 13:04

„За работникот ќебап, за Владата бифтеци“, ова беше напишано на еден од транспарентите на традиционалниот првомајски протест на Конфедерацијата на самостојни синдикати. Годинава протестираа одделно од Сојузот на синдикати на Македонија. Развртеа скара пред Влада и побараа достоинствени услови за работникот…

Скара се разврте за Први мај пред Владата. „За работникот ќебап, за вас бифтеци“ пишуваше на еден од транспарентите на маршот на Конфедерацијата на слободни синдикати што се организираше одделно од протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Протестот помина во знак на барањето за почитување на правото за пристојно работно време кое произлезе по најавите за 60-часовна работна недела како дел од пакетот закони кои се во собраниска процедура, а се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10Д.

Членовите на КСС ја нагласија разликата во примањата на работниците и функционерите. Особен револт предизвика последното покачување на платите на државните функционери, судии, обвинители и други избрани и именувани лица, кое произлезе откако Уставниот суд укина одредби од законот за плата.

Пред синдикатите останува и битката за потпишување на Општиот колективен договор за јавниот сектор со кој меѓу другото се бара враќање на правото за исплата на регрес за годишен одмор во јавниот сектор, популарниот К-15, исто како и во приватниот сектор.

Пораките и мирисот на скара останаа да лебдат пред затворените прозорци на Владата.

Катерина Топалова