Нов руски ракетен напад во Украина
Украина соопшти дека сите проектили насочени кон Киев биле уништени. Градската воена управа ги повика жителите да останат во засолништа.

Русија изврши нова серија ракетни и артилериски напади врз Украина, втора во последниве три дена. Една од главните цели бил градот Павлогорад, на околу 110 километри од линијата на фронтот. Има загинати и повредени цивили. Оштетени се висококатници и куќи, училишта, градинки и продавници. Според Кремљ, проектилите биле насочени кон железничката инфраструктура и магацините за гориво.
Украина соопшти дека сите проектили насочени кон Киев биле уништени. Градската воена управа ги повика жителите да останат во засолништа.
Украинската војска, пак, подолго време зборува за голема контраофанзива, која според најавите треба да се случи наскоро.
„Нема сомнеж дека ќе напредуваме и деокупираме територии окупирани од Русија. Нема да има двоумење, ќе го направиме тоа. Но, ако нема доволно оклопни возила, на пример, ќе има повеќе жртви. Оружјето е клучно за време на деокупацијата. Мораме да спасиме што е можно повеќе луѓе, што значи дека мора да се користи модерно оружје“, изјави украинскиот претседател Зеленски.
Роднините и пријателите ги закопаа децата и другите убиени во рускиот ракетен напад врз Уман.
„Растргнат сум одвнатре. Живеам во близина, лично ги познавав децата, уште од мали нозе и ги крстев во оваа црква. Загрижен сум бидејќи имам деца и сум граѓанин на оваа земја и живеам во овој град веќе 15 години“, вели отец Фјодор Ботсу.
Русите тврдат дека останува уште малку до целосно преземање на Бахмут. Во градот се водат жестоки борби. Експлозија била регистрирана и во пограничниот руски регион Брјанск, каде воз излетал од шини.
Марина Ристова
