Предлог – законот за затворање на стечајните постапки
Имотот ќе оди на аукција два пати
Ако се неуспешни ќе се дели на доверителите.
Предлог-законот за затворање на стечајните постапки кои со години се влечат низ судските лавиринти, како и Предлог – законот за вонсудско спогодување го минаа првиот собраниски филтер. Се проценува дека со овој специјален закон ќе бидат опфатени околу 300 фирми во стечај. Опозицијата отвори неколку дилеми на Комисијата за економски прашања.
Решенија со кои ќе се стави крај на агонијата на околу 300 фирми кои со години се во стечај, со кои ќе се овозможи да се обештетат вработените и доверителите, да се реши правниот статус на дивоизградените објекти, да се отвори можност оној што ќе го купи имотот повторно да стартува со производство. Вака власта го бранеше предложеното законско решение.
“Целта е да се стави крај на таа агонија, затоа и се предвидени кратки рокови за целата постапката, за таа да не се одолговлекува до бескрај и уште толку да се обезвреднува имотот”, изјави Анче Трифунов, државен секретар во Министерство за економија
Очекувавме министерот или неговиот заменик да го образложи предложеното законоско решение – реагираше опозицијата. Побараа власта да излезе со конкретни бројки: за колку фирми станува збор, колку стечајци се опфатени, колкава е вредноста на имотот.
“Им ги поткренавте очекувањата на тие луѓе кои чекаат на неисплатените плати и придонеси дека со ова ќе им се реши проблемот. Сакаме точни податоци. Не може да влегувате во процес без да знаете за колкав имот се работи”, изјави Маријанчо Николов, СДСМ
Решението предвидува имотот на овие фирми да оди на продажба два пати. Ако обидите завршат неуспешно, тој да им се подели на доверителите согласно побарувањата.
“Како идеално ќе поделите еден стан или објект на 20 доверители? Што ќе прават после тие со тој имот”, изјави Маријанчо Николов, СДСМ
“Ако се оди на повеќе продажби вредноста на имотот ќе се намали. Доверителите откако ќе ги добијат своите делови, односите ќе си ги решаваат во вонпарнична постапка”, изјави Томе Велковски, раководител на одделение за стечај
Предложеното законско решение опфаќа фирми кои се во стечај од 1989 до 2011 година, и предвидува сите постапки да бидат завршени за една година.
Мартин Пушевски
