Власта и опозицијата во костец за коридорите
Изградбата на коридорите ја бранува јавноста. Власта уверува – ќе се отворат нови 8.000 работни места, „Бехтел и Енка“ може да ангажира над 70 проценти локална сила. Според ВМРО-ДПМНЕ, договорот е штетен и не може да се прави споредба со соседна Србија…

Србија не донесе закони спротивни на Устав, не ги изедначи легалните градби со дивоградбите и за помала сума пари доби многу повеќе изградени објекти, вака опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги коментира паралелите кои ги правеше вицепремиерот Груби за коридорите кои во двете земји ги изведува конзорциумот „Бехтел и Енка“. Партијата остана на ставот дека ќе се плаќаат стотици милиони евра пенали, но тврди дека има план како да го надомести штетниот договор.
„Автопат во Србија, 112 км, широк 30 метри, со 139 објекти на него, 84 моста, 26 надвозници, 3 подвозници, 10 раскрсници познати како петљи, по три одморалишта и паркинзи. Но и регулација на реката Морава и нејзините притоки, и изградба на телекомуникации по самиот автопат. Сето тоа, по 7 милиони евра по километар во Србија, а во договорот на Груби по 20 милиони евра за Македонија со многу помалку ставки“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Вицепремиерот Груби, пак, тврди дека конзорциумот е обврзан да ангажира најмалку 51 процент локални ресурси, но предупреди дека опозициската блокада на законите ќе ја чини земјава над 150 милиони евра и две години залудно потрошено време.
„Во Косово над 70% од вработените биле локални, додека во Албанија и Србија околу 50 отсто. Првичните прогнози, по анализата на пазарот, се дека и кај нас ќе биде ангажирана целата расположлива работна сила, по можност и над 70 отсто. Строго ќе се почитуваат сите права и обврски предвидени со законот за работни односи и другите закони“, вели Груби.
Власта остана на ставот дека договорот нема штетни клаузули иако за негова реализација потребни се измени во неколку закони кои се со погодности за изведувачот „Бехтел и Енка“.
„Со реализацијата и изградбата на коридорите 8 и 10-Д, овозможуваме нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните 5 години“, вели премиерот Ковачевски.
Министерството за транспорт и врски веќе му исплати 117 милиони евра на Јавното претпријатие за државни патишта, прв трансфер на средства наменети за американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој ќе ги гради автопатските делници од коридорите 8 и 10-Д.
Миле Ристески
