Мајските оперски вечери го подигаат квалитетот на културниот живот во Македонија

12.05.2014 13:06

Во текот на годините одржани се околу 300 оперски настани со над 1.200 учесници од повеќе од 20 земји. Почетокот на годинешното издание го започна премиерната изведба на операта Симон Боканегра...

Македонската опера и балет низ повеќе децениската традиција настојува во доближувањето на оперската уметност до македонската публика. Една од нејзините значајни активности која 42 години го подига квалитетот на културниот живот во земјата е и манифестацијата Мајски оперски вечери. Во текот на годините одржани се околу 300 оперски настани со над 1.200 учесници од повеќе од 20 земји. Почетокот на годинешното издание го започна премиерната изведба на операта Симон Боканегра, а вие почитувани имате можност да видите како изгледа работната атмосфера на операта.

„Ликот на Амелија е лик кој е доста инспиративен и креативен. Во однос на драмското дејство се работи за девојка која на 3 годишна восраст е посовоена од познатата династијаГиралдони. Во текот на целата претстава таа се бори со својот корен, потеклото и со она што таа го наследува од династијата. Симон Боканегра е нејзиниот татко кој подоцна дознава дека Амелија е всушност неговата ќерка Марија“, вели сопранистката Весна Ѓиновска Илкова.

Приказната за херојот Боканегра има неколку почетоци. Првиот е во 1856 година кога Верди се согласил да напише нова опера за театро Ле Фение во Венеција. Иако композиторот сакал новата оперска приказна да се базира на Карлот Лир, сепак се одлучил за драмата Боканегра на Антонио Гарсија Гутиерез на либерето на Франческо Марија Пјаве.  Премиерата се одржала на 12 март 1857 година во изведба на еден од најистакнатите баритони на 19 век Леоне Гиралдони.Премиерата била вистински неуспех. По23 години операта добива нова верзија која и денес се изведува на оперските сцени. 

„Во однос на пејачките побарувања е навистина тешка со исклучителни долги лирски фрази кои секогаш завршуваат во пијано.Низ честите дуети и ансамблите треба да се прикаже карактерот на ликот и нејзинита сериозност да се справи со товарот на животот“, додава Ѓиновска Илкова.

Музиката на Симон Боканегра е многу поразлична од другите. Ова е прва опера без вовед или увертира. Операта изобилува со прекрасни дуети, а тенорот е од второстепено значење. Во неа подеднакво се менуваат белкантото и симфонизмо,драматиката и лиризмот.

По премиерната изведба на операта Симон Боканегра во изведба на солистите Весна Ѓиновска Илкова, Борис Трајанов,Владимир Саздовски, Ѓорѓи Цуцковски, гостинот од Србија Владимир Антиќ, Ернес Ибраимовски, Дејан Стоев и Марика Поповиќ под диригентство на италијанецот Џанлука Мартиненги следат оперите Дон Џовани, Фауст, Турандот и Аида. Вљубениците во оперската уметност носечките оперски улоги ќе можат да ги чујат низ интерпретациите на познатите Инва Мула, Хавиер Ландете, Џована Казола, Руди Парк, Кацухиро Котецу.

„Програмата на Мајските оперски вечери 2014 е составена од претстави кои беа на тековниот репертоар на Македонската оепра и балет со исклучок на операта на Џузепе Верди Симон Боканегра која досега не е изведувана на македонската оперска сцена.Би сакал во секоја сезона на Мајските оперски вечери да донесеме една нова претстава, нешто ново на репертоарот.Низ овие претстави исто така настојуваме македонската оперска публика да ужива во музицирањето на големите оперски ѕвезди“, објаснува Дејан Прошев, директор на Македонската опера и балет.

 

Весна Малјановска