Украина

Бела куќа: Над 100.000 загинати и ранети руски војници

02.05.2023 12:42

Русија за пет месеци има 100 илјади загинати и ранети – нови проценки на Белата куќа за загубите на Кремљ во војната со Украина. На терен, продолжуваат жестоките борби во Бахмут и Маринка...

Повеќе од 20.000 руски војници се убиени, а над 80.000 ранети во изминатите пет месеци во борбите во Украина, проценуваат американските разузнавачки служби. Повеќето руски војници се убиени во Бахмут, за кој Москва постојано тврди дека е на прагот на негово заземање.

„Првиот обид на Русија за офанзива во Донбас, главно преку Бахмут, не успеа. Повеќето од овие напори заглавија и не успеаја. Русија не беше во можност да заземе вистинска стратешки значајна територија. За Русија, овој обид, особено во Бахмут, имаше ужасно висока цена. Русија ги исцрпи своите воени залихи и своите вооружени сили. Само од декември, проценуваме дека Русија претрпе повеќе од 100.000 жртви, вклучително и над 20.000 убиени во акција“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.

Според Украина, пак, војската истуркала руски сили од некои позиции во Бахмут.

Украинскиот претседател Зеленски изрази сочувство за загинатите во најновите руски напади врз земјата. Оштетени беа згради и ранети над 30 луѓе во источниот град Павлоград. Рече дека биле соборени 15 проектили, но призна дека не биле во можност да ги пресретнат сите напади.

„Само синоќа, од полноќ до седум часот наутро, успеавме да собориме 15 руски проектили. Но, за жал, не сите. Павлоград, регионот Дњепропетровск, терористичките проектили ги однесоа животите на две лица, млади момчиња. Моето сочувство до семејствата. Уште 40 луѓе – жени, деца и мажи, добија медицинска помош за повреди и трауми“, изјави украинскиот претседател Володомир Зеленски.

Руски товарен воз излета од шините во регионот на Брјанск, кој се граничи со Украина. Властите ги бараат тие што ја разнеле железничката линија.

„Сите служби за итни случаи работат, диверзантско-разузнавачката група ги бара оние што ја разнесоа оваа железничка пруга. Брјанск претрпе спорадично прекугранично гранатирање за време на, како што Кремљ ја нарекува специјалната воена операција во Украина“, изјави гувернерот Александар Богомаз.

Киев истакнува дека ситуацијата во Бахмут е доста тешка, но дека непријателот не е во состојба да ја преземе контролата врз градот.

 

Марина Ристова