Собрание

Координација на спикерот Џафери со пратеничките групи, ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа

02.05.2023 14:40

Договорот со „Бехтел и Енка“ ќе се разгледува на седница затворена за јавноста. На координацијата кај спикерот Џафери усвоено, опозицијата да го одреди надлежното тело. Од ВМРО-ДПМНЕ, бараат договорот да биде доставен на увид во разумен рок. СДСМ повика, опозицијата поскоро да реши, за да прекинат шпекулациите за најголемиот инфраструктурен проект од национален интерес...

Опозицијата да предложи до претседателот на Собранието, Талат Џафери, надлежно тело за разгледување на Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10-Д и да определи датум кога ќе се разгледа, е решението што било донесено на координацијата на пратеничките групи кај Џафери. На координацијата не учествуваше ВМРО-ДПМНЕ.

„Со оглед на тоа што Договорот е класифициран, само пратениците кои се носители на безбедносен сертификат можат да имаат увид во неговата содржина, одлучено е Договорот да се разгледува на седница на комисијата која ќе биде затворена за јавноста и на неа ќе присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати“, пишува во соопштението од кабинетот на Џафери.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, побараа договорот со „Бехтел и Енка“ да се стави на увид и да им се даде разумен рок од 10 дена да го разгледаат, а потоа да се закаже седница.

„Ние не бараме некој министер да ни го раскажува договорот“, рече пратеникот Милошоски.

Ставот на координаторот на СДСМ по ова прашање е на линија на заклучоците од координацијата кај спикерот Џафери.

„Нашиот став на координација е пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да одлучат каде сакаат, поточно на која комисија сакаат и кога сакаат да се разгледува договорот. Се надевам дека ќе одлучат побрзо за да прекинат сите шпекулации за најголемиот инфраструктурен проект од национален интерес за државата“, се вели во писмениот допис на координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески.

Додека опозицијата не попушта во обидот да се обзнани договорот со „Бехтел и Енка“, за да може да се утврдат евентуални корупциски дела, од владејачкото мнозинство ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека ја блокира изградбата на коридорите 8 и 10-Д, што може на државата да и предизвика штета од 150 милиони евра.

 

Игор Панов