Судан

Повеќе од 100.000 бегалци преминаа од Судан во соседните земји

02.05.2023 15:06

Над 800 илјади луѓе би можеле да го напуштат Судан поради конфликтот. Од Комесаријатот за бегалци велат дека речиси 100 илјади луѓе се упатиле во соседните земји. Според Белата куќа во моментов е важно примирјето помеѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка да продолжи и целосно да се спроведува...

Над 100 илјади бегалци го напуштиле Судан и заминале во соседните земји вклучително Египет, Чад, Јужен Судан, Централноафриканската Република и Етиопија. Според Високиот комесаријат на ООН за бегалци десетици илјади Суданци и странци сè уште се обидуваат да побегнат од земјата зафатена со конфликт.

„Со владите и партнерите, УНХЦР, Агенцијата за бегалци на ООН, ја одредивме првичната бројка. Повеќе од 800 илјади бегалци би можеле да побегнат од Судан во соседните земји. Бројките се проекции кои се користат за финансиско и оперативно планирање“, изјави Олга Сарадо, портпарол на УНХЦР.

„Бројот на раселени лица во последните две недели е поголем како резултат на конфликтот. Многу внимателно ја следиме Етиопија, каде што бројот на луѓе кои пристигнуваат дневно е помеѓу 900 и илјада, а луѓето имаат потреба од храна, вода, засолниште“, изјави Пол Дилон, портпарол на Меѓународната организација за миграција.

Многу од евакуираните граѓани се исцрпени по бегството од неколкудневните борби во Картум. Спасувачките мисии беа преместени во Порт Судан од воената воздухопловна база Вади Сеидна, откако турски воен авион беше под оган при обид за следување.

„Се чувствувам многу привилегирано. Имам измешани чувства на вина и олеснување што сум на овој лет“, рече британски државјанин, студент по медицина.

„Турската амбасада ги евакуираше граѓаните во неделата навечер. Но, потоа ништо не ни беше соопштено и нашиот датум сега е непознат“, рече Абдел Хамид Фајсел, турски државјанин.

Евакуираните велат дека патувањето до аеродромот веќе било опасно бидејќи рутата од центарот на Картум минувала низ многу контролни пунктови на силите за брза поддршка. Од Белата куќа велат дека се фокусирани примирјето да се продолжи и целосно да се спроведува.

„Никој не сака оваа борба да продолжи, ниту да се прошири. Сега сме фокусирани на продолжување и целосно спроведување на прекинот на огнот, бидејќи дури и кога беше во голема мера прифатен од двете страни, тие сè уште се бореа“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.

Борбата за моќ помеѓу војската и Силите за брза поддршка ги попречи напорите на Судан да ја обнови својата демократска транзиција, која беше исфрлена од колосек во октомври 2021 година кога тогашните сојузнички генерали Бурхан и Дагало ја отстранија преодната влада со државен удар поддржана од Западот.

 

 

Маријана Димовска