Маричиќ: Нема проширување на сетот прашања за уставните измени
Досега нема проширување на сетот прашања за уставните измени, истакна вицепремиерот Бојан Маричиќ. Вели, динамиката во работната група за уставните измени треба да ја споделат колегите кои се таму. Според него, што постриктно се држиме до обврските од преговарачката рамка, тоа подобро. Тој денеска оствари билатерална средба и со шведската министерка за ЕУ и нордиска соработка, Јесика Росвал…

Откако ја информирал за моменталната состојба со спроведување на реформите и уставните измени, Маричиќ од Шведската министерка за Европа која претседава со Унијата, побарал да разговара и со сите останати политички актери. Тој добил информација дека при посетата во Скопје, Росвал ќе се сретне со сите што сносат одговорност за процесот со уставните измени. Ја информирал и за почетокот на работата на работната група и вели оти очекува да има брзи резултати. Сепак, не знае дали членовите го отвориле прашањето и за заштита на македонскиот јазик и идентитет.
„По она што го знам јас нема досега тема со којашто се шири сетот на прашања коишто се разговараат за уставни измени. Мислам дека што постриктно се држиме до обврските во преговарачката рамка – тоа подобро. Ние имаме доволно елементи и во Уставот и во заклучоците на Собранието за заштита на нашиот јазик и идентитет и досега сме покажале на дело дека ги штитиме соодветно. Но, претставниците имаат легитимно право и експертите, да ги отворат прашањата да се разговара за тоа, па дури и опозицијата којашто не номинираше претставници има легитимно право да ги отвори овие прашања, ние сме подготвени за дијалог на оваа тема“, изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Маричиќ смета дека целата процедура со уставните измени мора да заврши до пред европските избори што ќе се одржат во мај идната година, зашто само така државата може да направи чекор напред.
Катерина Топалова
