Силни експлозии во Славјанск

12.05.2014 14:12

Нема информации за загинати или повредени. Украинскиот претседател Турчинов порача дека референдумот е фарса без законска основа...

Еден ден по референдумот за независност на самопрогласената Доњецка Република, силни експлозии одекнуваат во Славјанск. Украинската војска ги гранатира со тешка артилерија контролните пунктови, но руски Итар Тас известува за погодени куќи. Нема информации за загинати или повредени. Украинскиот претседател Турчинов порача дека референдумот е фарса без законска основа, додека Москва соопшти дека ќе ја почитува одлуката на Доњецк и на Луганск со надеж за мирна практична реализација на изгласаното.

Според последните податоци, околу 90 проценти од гласачите се изјасниле за независност на референдумот. Сепаратистите прогласија победа и најавија формирање сопствени државни органи и војска.Сепак, бидејќи референдумот не го следеа неутрални набљудувачи, немаше никаква медиумска поддршка, дури ни од Русија, а изборните листи беа непотполни, Западот не им верува на информациите од неговите организатори.

„Европските организации и меѓународните влади нема да го признаат, но преку референдумов сакавме сите да ја слушнат силата на народот“, рече Роман Љагин, шеф на изборната комисија во Доњецк.

Референдумот помина со насилства во некои места. Во Мариупол еден човек загина во престрелка со украинската национална гарда, а во Красноармејск очевидци тврдат дека има двајца загинати или повредени.