Арбитражниот Суд во Лозана без милост за хрватскиот репрезентативец
За Шимуниќ нема Бразил
12.05.2014 14:14
Играчот на Динамо беше казнет за расизам, т.е. за ширење верска и расна нетрпеливост со јавното скандирање на микрофон на усташкиот слоган „За дом спремни“...

Хрватскиот фудбалски репрезентативец Јосип Шимуниќ дефинитивно нема да игра на Светското Првенство во Бразил. Арбитражниот Спортски Суд во Лозана ја отфрли неговата жалба на казната од десет натпревари неиграње којашто му ја изрече ФИФА.
Играчот на Динамо беше казнет за расизам, т.е. за ширење верска и расна нетрпеливост со јавното скандирање на микрофон на усташкиот слоган „За дом спремни“, веднаш по завршувањето на реваншот со Исланд од мундијалскиот бараж, по кој Хрватска обезбеди пласман во Бразил. Драконската казна од ФИФА подразбира и забрана за влез на Шимуниќ на бразлиските стадиони во текот на шампионатот.
Спортскиот Арбитражен Суд беше последна надеж за хрватскиот репрезентативец, но аудиите немаа разбирање за него. Ова значи дека Шимуниќ ја завршува кариерата во дресот на „коцкестите“, за коишто настапи на светските првенства во 2002 и во 2006 и не европските шампионати во 2004, 2008 и во 2012.
