Белград

Осум ученици и еден чувар убиени во пукање во училиште во Белград

03.05.2023 12:25

14 годишен ученик од седмо одделение отвори оган во училиште во Белград. Убиени се осум ученици и еден вработен во обезбедувањето. Шест деца и еден наставник се ранети и хоспитализирани. Напаѓачот, роден во 2009 години е уапсен...

Во престрелката што се случи утрово во ОУ „Владислав Рибникар“ во центарт на Белград, ученик стар 14 години пукал во учениците и обезбедувањето, убил девет лица, осум деца и припадник на обезбедувањето, ранил седум лица, од кои шест деца и еден учител.

Пукањето се случило утринава кога седмоодделенец од тоа училиште отворил оган врз обезбедувањето и учениците, испукал неколку истрели, најверојатно од пиштолот на неговиот татко. Осомничениот ученик по пукањето побегнал од местото, но полицијата набрзо го уапсила.

Повредените деца и учителката се згрижени во Ургентниот центар во Белград.

Таткото на девојчето кое за време на пукањето истрчало од училницата вели дека таа му рекла дека тоа е нивен соученик, инаку одличен ученик, кој со студен израз на лицето влегол во училницата и пукал.

„Ќерка ми беше во тој клас, беше во училницата каде тоа момче ги испука првите истрели кон учителката, а потоа почна да пука во децата кои беа под клупите, а моето дете истрча надвор“, рече родител.

Припадници на Министерството за внатрешни работи во Белград биле известени дека утринава во 8 часот и 40 минути дошло до пукање во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар. Полицијата ги испратила сите расположливи патроли, веднаш излегла на терен и го привела осомничениот малолетник, ученик од седмо одделение.

Лекувањето на повредените е во тек, како и работата на полицијата на утврдување на сите факти и околности поврзани со овој настан.

Од српската влада најавија дека во 13.15 минути ќе се одржи вонредна конференција за медиумите за немилите настани во ОУ Владислав Рибникар на Врачар.

 

 

 

 

Оливер Бранковиќ