Образование

Продолжува штрајкот на Државниот испитен центар

03.05.2023 14:00

Вработените во Државниот испитен центар одлучија да го продолжат штрајкот. Стопирани се многу процеси кои оваа институција ги организира и реализира. 15.620 матуранти се во неизвесност дали ќе полагаат државна матура...

Продолжува штрајкот на 30-тина вработени во Државниот испитен центар кој започна минатата недела заради незадоволството од платите. Денеска добиле понуда од Министерството за финансии за покачување од 1.000 денари на 20. 000 што ги добиваат и 26.000 за советниците.

Поради штрајкот во ДИЦ, стопирани се многу процеси кои оваа институција ги организира и реализира. 15.620 матуранти се во неизвесност дали ќе полагаат државна матура.

МОН сметаат дека не се надлежни за како што велат предизвикот туку Министерството за финансии и изразуваат надеж за поскоро затворање на ова прашање, за да не нема потреба за организациски промени поврзани со овие процеси.

„Во неколку наврати досега Министерството за образование и наука, како и министерот Шаќири упати апел до Државниот испитен центар и Министерството за финансии за изнаоѓање решение на предизвикот поради кој е доведено во прашање спроведувањето на државната матура, но и меѓународното ТИМСС тестирање. Надлежноста за надминување на предизвикот не е кај МОН, а итноста за решение е голема, во интерес на учениците“, велат од МОН.

Прекинато е и меѓународното истражување во кое требаше да се тестираат 4.500 ученици по математика и други предмети од областа на природните науки, и кое требаше да се реализира до крајот на учебната година.

 

 

 

Александра Велинова