Автопатот Тетово - Гостивар во очајна состојба
Со дупки и вдлабнатини, без заштитна ограда, со само две коловозни ленти. Ваква е состојбата на автопатот Тетово – Гостивар. Се плаќа патарина, но за возврат не добиваме ништо-се жалат возачите…

Ова е делницата Тетово-Гостивар долга 26 километри, која се нарекува автопат. Но, во пракса не ги исполнува стандардите. Нема заштитна ограда, а поради ризиците од сообраќајки, максималната брзина на возење е до 80 километри на час. Сообраќајницата е изградена пред речиси 3 децении, но таа ниту еднаш не е целосно реконструирана.
Возачите мора да плаќаат патарина за влез и излез од оваа делница и покрај катастрофалната состојба. Тие не веруваат дека Коридорот 8 каде поминува автопатот Тетово-Гостивар ќе се реализира. Да се грижеа за патиштата, досега барем ќе ја реконструираа оваа делница, се жалат возачите.
Од СВР – Тетово велат дека главен проблем е необезбедениот автопат каде честопати заштитната мрежа или ја нема или е оштетена и животните слободно се движат по автопатот.
Оттаму со апел надлежните да ги контролираат патиштата и истите да бидат обезбедни со соодветна мрежа, за да се избегнат вакви сообраќајни несреќи.
Зоран Димовски
