Здравство

Претставници на Асоцијацијата за цистична фиброза повикани во Министерството за финансии

03.05.2023 14:42

Системско решение со кое сите пациенти со цистична фиброза ќе добијат Трикафта, да нема застој, се барањата на Асоцијацијата на протестот пред Министерството за финансии. Надлежните ги повикаа на разговор...

Од секторот за буџетирање од Министерството за финансии биле информирани дека минатата недела се обезбедени пари за лек за уште 18 пациенти со тешка и средно тешка здравствена состојба. Во наредната недела ќе биде објавена одлуката на Влада, по што ќе почнат преговори со компанијата производител.

Од Асоцијацијата велат дека мора да се обезбеди лек за сите, бидејќи и оние коишто сега се во стабилна здравствена состојба за миг може да се најдат во животозагрозувачка, болеста има непредвидлив тек.

Во Америка терапија е одобрена за деца над две години, од Асоцијацијата се надеваат дека од декември и кај нас, и помладите пациенти ќе можат да го добиваат лекот од оваа возраст, а не како досега од 6 години. Велат колку порано се почне со терапија толку побрзо ќе се избегне оштетувањето на органите.

 

 

 

Наташа Јанчиќ Менковски