Велика Британија се подготвува за крунисувањето на Чарлс Трети
Само три дена до крунисувањето на Кралот Чарлс и Кралицата Камила. Туристите и обожавателите ги преполнија лондонските улици. На крунисувањето во Вестминстерската Опатија се поканети над 2.000 гости, меѓу кои и шефови на држави и претставници на кралските семејства. Милиони гледачи ќе го следат крунисувањето на британскиот монарх...

Свитата и персоналот на кралското семејство и Вестминстерската опатија неуморно работат на подготовките на само три дена до крунисувањето на Кралот Чарлс и Кралицата Камила. Туристите и обожавателите на британското кралско семејство ги преполнија лондонските улици и продавниците за сувенири.
„Сега е најпродаван „танцувачкиот крал Чарлс“ поради крунисувањето“, рече Шафик Афзле, продавач во продавница за подароци.
„Возбудливо е да се биде овде. За жал, нема да бидам тука во сабота, но тука сме да ја видиме целата подготовка и изутрина отидовме во палатата и го гледавме менувањето на стражата на коњите“, рече Јан Шафер, турист од Флорида, САД.
На 6-ти мај, кралот Чарлс III ќе ги носи истите кралски алишта што ги носела неговата мајка, кралицата Елизабета Втора, за време на нејзиното крунисување. Светот ќе има ретка можност да ја види бесценетата круна на Свети Едвард, изработена е од 22-каратно злато и 444 скапоцени камења.
„Супертуниката и царската мантија последен пат беа носени на крунисувањето на кралицата Елизабета Втора, на 2-ри јуни 1953 година, така што, тие не се носени 70 години. Тие обично се изложени во Лондонската кула“, рече Каролин де Гито, надзорник на уметничките дела на кралот.
Има загриженост за безбедноста на големиот ден, откако чаури од сачмарка беа фрлени во дворот на Бакингемската палата. Според британските власти, настанот е една од најважните безбедносни операции што некогаш биле преземени во земјата.
„Во последните неколку месеци поминавме многу време, подготвувајќи се за кој било број различни закани бидејќи реалноста е дека е ова многу сложен настан“, изјави Том Тугендхат, министер за безбедност на Велика Британија.
На крунисувањето во Вестминстерската Опатија се поканети над 2.000 гости, меѓу кои и шефови на држави и претставници на кралските семејства. Велика Британија не испратила покани за крунисувањето на кралот Чарлс Трети до лидерите на голем број земји, вклучувајќи ги Русија, Белорусија, Иран Мјанмар, Сирија, Авганистан и Венецуела. Милиони гледачи покрај телевизиските екрани ќе го следат крунисувањето на британскиот монарх.
Маријана Димовска
