Светски ден на слободата на медиумите
Минатата година се забележани седум напади врз новинари и 54 тужби. А статистиката покажува дека повеќе од две третини од медиумските работници земаат просечна или потпросечна плата. Македонија покажува реален потенцијал за промени и има соодветен напредок но медиумските слободи се загрозени поради структурни проблеми стои во најновиот извештај на репортери без граници...

Напади врз новинари, вербални навреди, понижувања од страна на политичари, небезбедни услови за работа, лоша социо – економска состојба – со овие предизвици се соочуваат медиумските работници во земјава. На Светскиот ден посветен на слободата на медиумите, синдикалните новинарски здруженија порачаа дека правата на новинарите не се почитуваат до крај.
„На огромен дел од колегите работните позиции не им се сигурни, работат со договори на определено, или договори на дел без социјално и пензиско осигурување“, изјави Павле Беловски, претседател на ССНМ.
„Нашата слобода мора да признаеме дека е сè уште ограничена бидејќи малиот пазар на којшто ние вирееме, живееме и работиме остава малку простор за независно новинарство со што дел од медиумите сè уште се потпираат на политички или бизнис интереси“, изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.
Во делови од внатрешноста се заканува целосно згаснување на локалните медиуми, најголем дел се во катастрофална состојба – укажа новинарската фела. Побараа државна поддршка.
„Тука секогаш е дилемата на враќање на тој фамозен член којшто е за државни пари во медиумите или фонд за медиуми. Мислам дека медиумите и новинарите во внатрешноста толку не ги интересира која ќе биде формата сакаат да добијат одредена поддршка, бидејќи ако државата не сака да има локални медиуми нека продолжи вака, остава простор за порталите коишто знаеме дека се најголеми генератори на говорот на омраза“, истакна Тони Михаилов, новинар.
Подобрување на состојбата во медиумите нотира и „репортери без граници“. По повеќе од една деценија Македонија се врати во групата држави со задоволителна слобода на медиумите и се најде на 38-то место во светот од 180 држави.
Светскиот ден на слободата на медиумите во земјава одбележан со крводарителна акција и порака за солидарност и сплотеност.
Андријана Ѓурческа
