Белград

Незапамтена трагедија, прогласена тридневна жалост во Србија

03.05.2023 15:06

Седмоодделенец пукал со пиштол во училиште во Белград. Убиени осум ученици и припадник на обезбедувањето. 14 годишникот влегол на часот по историја, отворил оган кон наставничката и соучениците. Има повредени во животна опасност. Уапсениот според полицијата еден месец го планирал нападот. Мотивот непознат. Тридневна жалост во Србија. Од утре прекин на наставата во сите училишта во земјата...

Осум деца и лицето за обезбедување се убиени, ранети се седум лица, од кои шест деца и еден учител, две деца се во критична состојба, а убиецот е ученик од седмо одделение стар 14 години кој оваа незапамтена трагедија во ОУ „Владислав Рибникар“ на Врачар во Белград, што е за прв пат во Србија, ја планирал месец дена до детали, беше соопштено на денешната вонредна прес-конференција во Српската Влада. Посебно обраќање до јавноста најави и претседателот Александар Вучиќ вечерва во 18.00 часот.

Началникот на белградската полиција Веселин Милиќ на прес- конференцијата рече дека осомничениот сам се јавил на полицијата да каже дека застрелал неколку луѓе.

„Според досега собраните информации, детето К. К. подолг временски период го планирал извршувањето на ова кривично дело. Мотивот сè уште не е утврден, ниту пак тој не известил. Датумот 3-ти мај 2023 година го избрал затоа што училницата по историја била во близина на влезот на училиштето, каде неговиот клас VII-2 го имал првиот час. Го зел огненото оружје, пиштолот кој е пронајден, калибар 9 мм со три рамки, како и малокалибарски пиштол од станот на татко му, го оставил во торба, каде подготвил и понел четири молотови коктели“, изјави Веселин Милиќ, началник на белградската полиција.

Тој додаде дека веднаш по пристигнувањето во училиштето, насилникот извадил пиштол и го застрелал обезбедувачот по што ги нападнал децата.

„Б.А., кој стоел покрај масата, како и С.Н., кој бил покрај клавирот, пукал кон нив и им ги одзел животите. Потоа продолжил низ ходникот до училницата по историја, каде по пат ја заменил рамката, влегол во училница и веднаш пукал од врата кон наставникот и останатите ученици. Потоа ја напушта училницата, оди во училишниот двор, каде ја вади рамката од оружјето, вика полиција и после тоа ние го апсиме“, изјави Милиќ.

Шефот на полицијата го покажа списокот на деца што сторителот го составил и училишниот план на кој ги определил приоритетните цели и начинот на влегување во паралелките со бројот на деца што планирал да ги убие во секое одделение.

Министерот за образование Бранко Ружиќ на прес-конференција соопшти дека Владата на Србија донела одлука за тридневна жалост на целата територија на Србија, почнувајќи од петок, 5-ти мај до недела, 7-ми мај и дека денеска е откажана наставата во попладневната смена, а утре ќе започне со едноминутно молчење.

Министерката за здравство Даница Грујичиќ рече дека шест деца и една наставничка се во здравствените установи во Белград, од кои две деца и наставничката се во многу критична состојба.-

Посебно обраќање до јавноста најави и претседателот Александар Вучиќ вечерва во 18.00 часот.

 

Оливер Бранковиќ