Собрание

СДСМ со повик до опозицијата за увид во Договорот со „Бехтел и Енка“

03.05.2023 15:15

Претседателот сè уште не го видел Договорот со „Бехтел и Енка“ во изворна форма. Пендаровски вели, нема да го потпише указот на законот со варијанта 60 часовна работна недела. ВМРО-ДПМНЕ бара да го види документот, СДСМ повикува да одредат работно тело и дата за увид...

Владејачката СДСМ повторно ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносен сертификат да определат работно тело во парламентот и датум за увид во Договорот за Бехтел и Енка. Од партијата тврдат дека Законот за класифицирани документи и уредбата на Владата од 2004-та година, не дозволува прифаќање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ физички да се изнесуваат документите, надвор од пропишаните норми за административна и физичка заштита на списи од доверлив карактер.

ВМРО-ДПМНЕ инсистира, тие да имаат целосен увид во Договорот со конзорциумот Бехтел и Енка за да можат да утврдат, дали постојат основани индиции за коруптивни елементи. Тврдат дека досега 22 пратеници од владејачкото мнозинство, биле запознаени во Договорот, меѓу кои и двајца пратеници од ДУИ, кои немале безбедносен сертификат.

Од опозицијата со став, нема да закажуваат Комисии што ги водат нивни пратеници сè додека не го видат во целост договорот со „Бехтел и Енка“.

Власта тврди дека поради блокадата на донесување на законските измени на уште шест закони, државата, поради пречекорување на рокови за изведба на проектот, може да претрпи штета од 150 милиони долари.

Игор Панов