Курти со предлог за нов нацрт-статут на ЗСО
„Фундаментално не се согласувам со нацртот. Тој ја претставува желбата за Република Српска на Косово“, напиша Курти на Твитер.

Косовскиот премиер Албин Курти денеска ја објави својата верзија на нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство (Заедница на српски општини - ЗСО) и додаде дека „фундаментално не се согласува“ со Нацрт-статутот што синоќа беше претставен во Брисел од страна на Управувачкиот тим.
„Фундаментално не се согласувам со нацртот. Тој ја претставува желбата за Република Српска на Косово“, напиша Курти на Твитер.
Според Курти, Статутот на ЗСО треба да произлезе од авторитетот на конвенциите на Советот на Европа, односно од Рамковната конвенција, како и да обезбеди можност припадниците на српската заедница во Косово да ги промовираат и заштитат своите интереси преку рамката на самоуправување.
Во верзијата на Курти се наведува дека ЗСО ќе промовира нетериторијален проект, каде функционално би биле претставени сите Срби на Косово, врз основа на правото на глас и принципите предвидени со Уставот на Косово, во согласност со принципот на еднаквост пред законот и недискриминација.
