Вучиќ предлага 10 мерки, меѓу кои намалување на кривичната одговорност од 14 на 12 години
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека денеска е еден од најтешките денови во модерната историја на земјата. На прес-конференцијата тој изрази сочувство до семејствата, родителите, браќата и сестрите, бабите и дедовците на убиените деца...
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ѝ се обрати на јавноста по ужасниот масакр во основно училиште во Белград, во кој беа убиени осум ученици и чуварот. Меѓу мерките кои ги предложи, нагласи дека треба да се размисли за намалување на кривичната одговорност од 14 на 12 години.
„Не можеме да ги вратиме децата. Можеме да се обидеме, но никогаш нема да знаеме дали успеавме, барем да спречиме нова национална трагедија. Денеска во нашата земја имаме вкупно 766.000 парчиња огнено оружје. Предлагам да се воведе мораториум за поседување и носење оружје во следните две години и да се издаде ревизија на сите издадени дозволи за носење оружје, да се контролира како лицата кои имаат дозвола го држат оружјето... Да се намали старосната граница за кривична одговорност на малолетниците од 14 на 12 години, согласно меѓународните и европските стандарди“, изјави Вучиќ.
Соопшти дека момчето е сместено во посебен дел од психијатриска клиника, а таткото е уапсен како сопственик на оружјето кое очигледно нелегално го чувал. Приведена е и мајката.
„Во тагата мора да ги гледаме причините, одговорноста и решенијата за да не ни се случи вакво нешто, колку и да е непредвидливо, па да се намали бројот на вакви страшни инциденти“, рече српскиот претседател.
