Се зголемува бројот на кучиња скитници низ тетовските улици
Полицискиот билтен на СВР Тетово, секој ден евидентира напади врз граѓани од кучиња скитници. Бројот на бездомни животни низ тетовските улици се зголемува, но за нив Општината моментално не презема никакви мерки...

По тротоарите низ Тетово повеќе кучиња скитници од пешаци. Ги има во секое тетовско мало. Гладни и агресивни во глутница во потрага по храна, често ги напаѓаат граѓаните.
За две години Општината има заловено 82 кучиња скитници, а во градот има 500.
Најавите дека ќе има регионален пристап за решавање на проблемот, како и соработка со невладини организации, не се остварија.
Од Општината, како што ни изјавија, ги загрижува тоа што секојдневно се носат и по повеќе од 20 кучиња од други места во Тетово.
„Нашите екипи ги следат овие прекршители, но не е едноставно да се пресретнат на лице место и да се регистрираат таблиците на возилата, што ги носат кучињата“, додаваат оттаму.
Од Центарот за полошки плански регион, велат дека проблемот за кучињата скитници е на ниво на цел Полог. Како можна локација за Регионален центар за згрижување на кучиња скитници од целиот Полошки регион е посочена Општина Врапчиште, но засега нема конкретни активности за реализација на овој проект.
Зоран Димовски
