Гутереш: Ова е хуманитарна катастрофа
Генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш посочи дека суданскиот народ се соочува со хуманитарна катастрофа. Над 500 луѓе се убиени, а околу 5.000 се ранети од почетокот на борбите на 15-ти април...

Генералниот секретар на Обединетите нации Гутереш повика да се прекинат борбите во Судан и на меѓународна поддршка на народот, за кој се соочува со хуманитарна катастрофа. Според суданското Министерство за здравство над 500 луѓе се убиени, а речиси 5.000 се ранети од почетокот на борбите на 15-ти април.
„Суданците се соочуваат со хуманитарна катастрофа. Уништени болници. Ограбени хуманитарни магацини. Милиони се соочуваат со несигурност во храната. Повторно повикувам страните да ги намалат тензиите, да се вратат на преговарачка маса и да се договорат за траен прекин на огнот. Обединетите нации се подготвени да испорачаат итна помош за суданскиот народ. Оваа сегашна ситуација е тотално неприфатлива“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
Гутереш рече дека на помошта мора да и биде дозволен пристап во Судан. Над 300.000 луѓе се внатрешно раселени поради борбите, а 100.000 ја напуштиле земјата. Од друга страна стотици нигериски студенти се вратија дома.
„Благодарен сум што конечно се вративме дома. Кога бевме таму, се чувствувавме како да сме напуштени деца кои немаат родители“, рече студент.
„Беше страшно затоа што денот кога почна војната, сите бевме исплашени, не знаевме што да правиме, само продолжуваме да бегаме“, рече студент.
„Бев навистина многу среќен. Ќерка ми изминативе шест дена беше на граница и спиеше на улица. Плачев не знаејќи во каква состојба е“, вели професор.
Многу Суданци бегаат во земјите што граничат со Судан, вклучувајќи ги Чад, Централноафриканската република, Египет и Етиопија.
Марина Ристова
