Руско-украински конфликт

Напад со дрон во Русија, експлозии во Киев

04.05.2023 12:34

Нов напад со дрон во Русија, погодена рафинерија. Експлозии во Киев. Сирени се огласија и во Запорожје и Одеса. Воздушните напади доаѓаат во истовреме кога украинскиот претседател Зеленски е во ненајавена посета на Холандија. Разговараше со членовите на Сенатот и Претставничкиот дом. Го посети и Меѓународниот кривичен суд кој ги истражува злосторствата во Украина...

Експлозии од изутрина го тресат главниот украински град. Сирени се огласија и во Запорожје и во Одеса. Ден откако Москва го обвини Киев дека извршил напади со дрон врз Кремљ, во Украина непрекинато одекнуваат детонации. За властите во Киев, руските обвинувања се само оправдување за масовните терористички напади врз земјата.

„Украина нема никаква поврзаност со нападите со беспилотни летала врз Кремљ. Тврдењата ќе обезбедат оправдување за Русија „да ги оправда масовните напади врз украинските градови, врз цивилното население и инфраструктурните објекти“, изјави Михаило Подољак, советник на претседателот на Украина.

Русија го нарече нападот врз Кремљ неуспешен обид за атентат врз претседателот Путин, ветувајќи одмазда. За нив, одлуките за вакви акти не се носат во Киев туку во Вашингтон.

„Многу добро знаеме дека одлуките за такви акции на тероризам не се носат во Киев, туку во Вашингтон, а Киев само го прави она што му е кажано да го прави. Честопати Киев не е тој што ги одредува целите, туку Вашингтон, а потоа ги носи во Киев за да ги исполни. На Киев секогаш не му е дозволено правото да ги избира средствата“, изјави Дмитриј Песков, прессекретар на рускиот претседател Владимир Путин.

Од Белата куќа соопштија дека не можат да ги потврдат тврдењата на Москва дека Киев испратил беспилотни летала.

„Не можеме да ја потврдиме автентичноста, не сакам да шпекулирам. Се појавија и прашања, зошто на Кремљ му требаа часови да го пријави инцидентот и зошто подоцна во текот на денот се појавија и видеа од него“, изјави Ведант Пател, заменик-портпарол на Стејт департментот.

Во истовреме, нов напад со беспилотно летало е регистрирано на југот од Русија. Погодена е нафтена рафинерија во Краснодарската област. Нема жртви во пожарот што следувал. Москва прстот повторно го впери во Киев. Велат-Украина ретко презема одговорност за честите напади со беспилотни летала.

Во момент на најновите воздушни напади и обвинувања, украинскиот претседател Зеленски е во ненајавена посета на Холандија. Разговараше со членовите на Сенатот и Претставничкиот дом, а го посети и Меѓународниот кривичен суд кој ги истражува злосторствата извршени за време на војната во Украина. Очекува Путин и другите да бидат повикани на одговорност според меѓународното право.

 

 

Бојана Крстевски