Куманово

Стратегија за поквалитетен живот на Ромите во Куманово

06.05.2023 12:05

Значајно е подобрена состојбата со образованието кај Ромите во Куманово, но најлоша е со домувањето. Досега во најголемата општина во земјава не се доделени социјални станови. Околу 700 Роми чекаат да се легализираат нивните домови, за што ќе бидат неопходни законски измени...

Урбанизација на ромските населби, зголемување на бројот на вработени, подобрување на состојбата во образованието, здравството, домувањето, но и културата, се приоритетите на стратегијата за социјална инклузија на Ромите во Куманово за периодот 2023-2030 година. Од Одделението за локален економски развој појаснуваат дека претходните стратегии дале свој придонес и има значаен напредок во образованието. Но засега најлоша е состојбата со домувањето. Иако е предвидено и во националната стратегија досега во градот не се доделени социјални станови.

„Предвидуваме во рок од седум години околу 50 социјални станови да бидат изградени, тоа ќе биде преку Министерството за транспорт и врски, претставници од локална самоуправа, невладини организации и странски донатори што ќе може да се финансира една таква програма“, вели Ахмет Јашаревски, соработник при Одделението за локален економски во Општина Куманово.

Околу 700 куќи од населбите Средорек и Бавчи чекаат за легализација, бидејќи се дел од зелен појас, а не се во градежен, за што ќе бидат неопходни законски измени.

„Ромите се составен дел, процентот е 2,3 голем дел од Ромите се иселуваат, враќаат, целта на Советот е да усвои една ваква стратегија која ќе биде еден вид на акциски план за подобрување на животот на Ромите“, истакна Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Совет на Општина Куманово.

Стратегијата за социјална инклузија на Ромите е достапна за кумановци и тие можат да дадат свои идеи и предлози. На крајот на месецов истата ќе биде доставена до Советот.

 

Елена Георгиевска