Македонија

Сашко Георгиев нов претседател на Судскиот совет, заменикот Адеми поднесе оставка

04.05.2023 18:51

Сашко Георгиев е новиот претседател на Судскиот совет. Изборот направен подалеку од очите на јавноста. Заменикот Адеми поднесе оставка, причината не е наведена…

По три дена состанување, Судскиот совет со 8 гласови „за“ го избра Сашко Георгиев за нов претседател, а заменикот Селим Адеми поднесе оставка. На затворена седница членовите на Советот ја отповикале одлуката за разрешување на Дамева и со исклучена јавност во нова постапка и изгласале недоверба. Георгиев објасни дека Советот за ова едногласно одлучил бидејќи се разговарало за чувствителни прашања кои допираат во меѓучовечките односи.

Георгиев беше еден од седумте членови на советот кои гласаа за разрешување на Дамева, а на предлог на заменикот Адеми. Дел од колегите токму поради оваа постапка која ја сметаат за незаконска, не му дадоа поддршка при гласањето.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“ со став дека Советот повторно го крши законот.

Од Коалицијата велат дека новиот претседател е избран без да се усвојат записниците од минатите седници и без одлука за разрешување на претходниот претседател.

Анита Димитријевска Велковска