Со најбогата програма досега, отворен Саемот на книга
Во претстојните денови саемската арена, којашто е трансформирана во бајка од илјадници книги, е центар на многубројни средби со автори, потпишувања на книги, едукативни работилници, трибини, наградувања...
35-от Меѓународен Саем на книга и официјално е отворен, а оваа година оваа омилена културна манифестација за многумина и не е изненадување што со својот старт ги исполнува сите очекувања на љубителите на пишаниот збор, и тоа со официјално започнување на најбогатата програма во својата историја.
„Овој Саем мора да остане потсетник и синоним, да се чита со вистинска книга во раце. Не е случајно што мотото на годинешното издание на саемот е токму „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“. Истото е потсетник за најважната премиса во ова модерно темпо на живеење, - да не ја заборавиме најздравата навика на модерниот човек, а тоа е - читањето нови книги“, изјави Даниела Глигоровска, Управител на Скопски Саем, организатор на Саем на книга.
Во претстојните денови саемската арена, којашто е трансформирана во бајка од илјадници книги, е центар на многубројни средби со автори, потпишувања на книги, едукативни работилници, трибини, наградувања, притоа одбележувајќи ја важноста на читањето како навика, збогатувањето на личната библиотека, како и убавината на зачестениот афинитет да се подарува книга за разни поводи.
