Србија

Нова трагедија со жртви кај Младеновац

05.05.2023 10:07

Ново грозоморно масовно убиство ја потресе српската јавност. 21 годишник застрела 8 лица во близина на Младеновац, ранети се 14-мина. Напаѓачот Урош Б. Беше уапсен неколку часа подоцна во Крагуевац. Во Србија е тридневна жалост поради убиствата во основното училиште „Владислав Рибникар“, каде што 13 годишник застрела 8-мина соученици и едно лице од обезбедувањето…

Додека Србија е во тридневна жалост поради трагичниот настан во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, ново масовно убиство во близина до Младеновац за помалку од 48 часа. 21-годишен напаѓач ноќеска усмрти 8 луѓе и рани уште 14. Најмладата жртва има 15 години. Неверување, болка и лелеци кај мештаните.

Напаѓачот, кој полицијата го идентификува како Урош Б. е уапсен во населбата Грошница, во околината до Крагуевац. Додека траеше потрагата по него, тој на својот профил на инстаграм објавувал фотографии и коментари, меѓу кои и дека „ќе ги убие сите до крај“.

Со автоматска пушка од возило во движење стрелал по случаен избор, најпрвин во село Дубона, а потоа се упатил кон мало Орашје и село Шепшин. Во Дубона застрелал младо момче-полицаец и неговата сестра, а потоа по случаен избор во школскиот двор ранил уште неколку лица. Според жителите, осомничениот бил проблематичен и син на воено лице. Сепак, никој не се надевал на вакво злосторство. Еден од нив, вели, мислев дека станува збор за прослава.

Мислев дека некој се породил и добил принова. Меѓутоа не било тоа. Како да се чувствуваме. Тажно, жално, се заклучивме дома да не дојде по нас. Не знаевме каде е. Велат дека бил наоружан и кога ги убил овие деца овде продолжил понатаму да пука од кола.

Сите повредени се пренесени во околните болници, а двајца сè уште се во животозагрозувачка состојба. Министерот за внатрешни работи, Братислав Гашиќ, го оцени инцидентот како терористички акт.

Србија завиена во црно. Почна тридневната жалост за загинатите деца од Основното училиште „Владислав Рибникар“ од Белград. Знамињата ќе останат на половина копје до недела. Лекарите и натаму се борат за животот на двете деца повредени во инцидентот. По крвавото злосторство во Белград, во коешто настрадаа осум деца и домарот на училиштето, се случија и други инциденти. Поранешна ученичка во белградска гимназија е приведена, откако повредила поранешна наставничка и соученик, а се расчистува и случајот за уште еден ученик во основно училиште во Белград, кој наводно имал список на имиња за лицата кои планирал да ги ликвидира. По трагедијата, српската влада предложи двегодишен мораториум за издавање на дозволи за поседување лесно огнено оружје.

Бојана Крстевски