Регион

Од денеска тридневна жалост во Србија по трагедијата во Белград

05.05.2023 12:30

Свеќите и цвеќињата за загинатите ученици неми сведоци за ужасот што се случи во основното „Владо Рибникар“ во Белград. Знамињата на половина копје, Србија тагува по 9-темина загинати во масакрот, што пред ден се случи во населбата Врачар. Се бараат одговори, зошто и како можеше да се спречи ваков немил настан...

Србија завиена во црно. Тридневна жалост за загинатите од Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Знамињата на пола копје до недела, сите активности почнуваат со минута молк.

Пред училиштето, свеќи и цвеќе останаа да сведочат за грозоморниот настан. Во душите празнина, во воздухот и натаму неописливи тага и болка што ги параат градите. Останаа единствено сведоштвата.

„Ја убил, ја убил. Беше дежурна, беше среќна. Дежураше долу со човекот од обезбедувањето што го убија. Потоа пукал во неа. Во мојата Ана. Штом не се јавуваше, знаев дека е мртва“, рече Љиљана Радичевиќ, баба на убиено девојче.

„Ми рече – ме погледна во очи, а потоа пукаше на другата страна. Во шок е“, сведочи Милан Милошевиќ, татко на преживеано девојче.

Трагедијата отвори многу прашања за општата состојба на нацијата. Несигурноста и нестабилноста во костец со децениските кризи и конфликти заедно со политичките поделби. Прашања за вистинските вредности. Мотивот на ученикот Коста Кецмановиќ сè уште непознат, но неговата постапка-да им пресуди на соучениците, го разоткри нивото на насилство во општеството .

„Искрено, не сум изненаден. Според мене, буквално прашање на ден беше кога ќе се случи вакво нешто, имајќи предвид што се случува во светот и овде. Воопшто не сум изненаден“, изјави Јован Лазовиќ, жител на Белград.

Прерано згаснаа осум млади животи. Во трагедијата беше убиен и човек од обезбедувањето на училиштето. Лекарите и натаму се борат за животот на девојчето кое доби тешки повреди на главата. Состојбата на другите повредени е подобра. Младиот Кецмановиќ нема 14 години и не може кривично да одговара. Неговиот татко на распит во обвинителството, му се заканува затвор од 12 години.

Бојана Крстевски