Србија

По грозоморните убиства, Вучиќ најави целосно разоружување на Србија

05.05.2023 12:45

Ново грозоморно масовно убиство во Србија, само после еден ден од трагичниот настан во Основното училиште Владислав Рибникар. Синоќа во Младеновац, 21-годишник застрела 8 лица во близина на Младеновац, ранети се 14-тмина. Напаѓачот Урош Б. Беше уапсен неколку часа подоцна во Крагуевац. Претседателот Вучиќ во драматично обраќање пред јавноста, најави воведување нови мерки. Ќе ја разоружаме Србија, ќе ги заостриме казните за неовластено поседување и тргување со оружје, рече Вучиќ...

Звуците од рафално огнено оружје за момент ги натераа жителите на село Дубона кај Младеновац да помислат дека некој од комшиите добил новороденче и на таков начин традиционално го одбележува доаѓањето на свет на невино дете. За кратко, следуваа шок и неверување, а ноќта се претвори во хаос. 21-годишник со автоматска пушка изврши масовно убиство.

„Слушнав некои звуци. Отпрвин мислев дека некој родил или нешто слично, дека можеби има новороденче. Но, тоа не беше тоа. Срам, голем срам. Тие велат дека убивал без причина. Велат тука во центарот на селото имало расправија, па заминал дома и се вратил да ги убие. Сепак, мислам дека тоа не е вистина, ако е вистина, зошто отишол во соседните села да убива?“- рече Милан Прокиќ, локален жител.

Со автоматска пушка од возило во движење, напаѓачот стрелал по случаен избор, најпрвин во село Дубона, а потоа се упатил кон Мало Орашје и Шепшин. Првите жртви биле млад полицаец и неговата сестра, а потоа продолжил крвавиот пир. Осуммина се убиени, над 10 се повредени. Најмладата жртва има 15 години. Жителите раскажуваат дека осомничениот бил проблематичен, но никој не верувал дека е способен за такво нешто.

„Што ќе правам без него. Не можам повеќе да живеам“.

21-годишниот Урош Блажиќ, син на припадник на српската војска е уапсен по долга потрага во централниот српски град Крагуевац. Околу 600 припадници на специјалните единици беа вклучени во операцијата за пребарување. Младиот маж е уапсен кај Крагуевац откако киднапирал таксист и се обидел да избега.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вели дека масовното пукање во Србија е напад „на целата земја и секој граѓанин го чувствува тоа. На Министерството за правда му наложи да ги заостри казните за неовластено поседување и тргување со оружје. Најави регрутирање на 1 200 нови полицајци за да се зголеми безбедноста во училиштата.

„Ќе извршиме целосно разоружување на Србија. Казните ќе бидат толку високи за нелегалното оружје, па да видиме како ќе се справите со тоа. Во наредниот период ќе видите повеќе припадници на полицијата на улица, во наредните 15 дена, а потоа ќе се вратиме во нормален живот. Мора да се промениме самите себеси. Не ни треба оружје, ни треба знаење. Ни требаат живи, а не мртви деца“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Западен Балкан е преплавен со нелегално оружје по војните и немирите во 90-тите.

 

 

Маријана Димовска