Иванов повика на единство: Демократијата се почитува кога се почитуваат Уставот и законите

12.05.2014 17:17

Првпат во историјата на Македонија, рече Иванов, претседателските избори поминаа без ниту еден приговор до Државната комисија. Порака од него до пратениците на СДСМ, ДУИ и НДП, чиишто места останаа празни...

По втор пат ја преземам функцијата претседател на Република Македонија со должност и обврска да бидам еден за сите, порака од Иванов на стартот на вториот претседателски мандат. Верувам во безбедна и стабилна европска и евроатланска  Македнија, отворена кон соседите и светот. Македонија во која се обезбедува мир и соживот, социјална правда. Македонија во која се негува вековната традација на соживот и на прифаќање и почитување на различностите- една од поентите во инугуративниот говор.

„Кога станува збор за државните интереси, неопходно е Република Македонија да настапува со еден глас и јасен став, за да биде препознаена како стабилна држава, почитувана како одговорен партнер и сојузник. Тоа е одговорност на секој што го добил мандатот од граѓаните. Тоа е гласот на граѓаните, тоа е гласот со кој избраа претседател, со кој им ја дадоа довербата на пратениците во Собранието кое ја избира владата“, истакна Иванов.

Првпат во историјата на Македонија, рече Иванов, претседателските избори поминаа без ниту еден приговор до Државната комисија. Порака од него до пратениците на СДСМ, ДУИ и НДП, чиишто места останаа празни.

„Оние што мислат дека ја бојкотираат институцијата Претседател  на Република Македонија, всушност ги бојкотиртаат граѓаните кои гласале за претседателските избори. Гласовите што ги добив за да извршувам функцијата претседател на Република Македонија, немаат ниту етнички ниту религиозен предзнак. Претседателот го избираат граѓаните, а не заедници. Во демократијата гласовите се бројат, не се мерат. Бев и ќе останам претседател на сите граѓани, независно од тоа  за кого гласале“, рече Иванов.

Верувам во безбедна и стабилна европска и евроатланска Македонија, отворена кон соседите и светот, рече Иванов и уште еднаш ја повтори веќе позната позиција за името. 

„Уставот на кој се заколнав ме обврзува исто така да го бранам уставното име на нашата држава. Затоа нема да дозволам промена на уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет“, нагласи Иванов.

На коктелот по официјалниот старт на вториот претседателски мандат, честитки за  Иванов од дипломатскиот кор, јавни личности претставници на верските заедници.

Виолета Димовска