Со законски измени за поевтина и побрза изградба на коридорите 8 и 10-Д, земјата ќе биде главна европска рута на Балканот
Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби заедно со заменик-претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи и сите министри во Владата одржаа прес-конференција после одржаната владина седница за презентирање на законските измени кои ќе се предлагаат до Собранието за реализација на коридорите 8 и 10-Д...

На прес-конференцијата се обратија првиот вицепремиер Груби, министрите за транспорт и врски Благој Бочварски, за финансии Фатмир Бесими и заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин. Првиот вицепремиер Груби информираше дека цела Влада дава недвосмислена поддршка за реализација на овие инфраструктурни проекти.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека само пред неколку месеци, после децении лобирање, Владата успеа заедно со Бугарија, Албанија и Италија, Коридорот 8 да влезе во мапата на главни Европски коридори на Западен Балкан и дека одлуката е меѓу тоа дали ќе бидеме крстосница и главна европска рута на Балканот или земјава ќе остане обиколница бидејќи сите земји забрзано ја модернизираат својата инфраструктура.
Министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека измените на законите се во насока на побрза реализација и пониски трошоци за овој стратешки проект, кој е од национален интерес.
Заменик-министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин потенцирајќи го значењето на изградбата на коридорите 8 и 10д, посочи дека се неопходни измени во Законот за работни односи. „Првата измена е на одредбата која се однесува на прекувремена работа, односно заради потребата од континуитет во работата на овој проект се наметнува потребата од прекувремена работа која може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно. Работниците се заштитни со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35% согласно Законот и колективниот договор. Секој работник ќе потпише изјава дали сака да работи прекувремено и доколку не сака нема да биде принуден со сила да работи прекувремено. Согласно законот, работниците имаат право на дневен и неделен одмор“, рече заменик-министерот Хусејин и додаде дека прекувремената работа ќе зависи и од активностите и процесите на работа на трасите, што значи, дека ќе има и денови кога воопшто нема ниту да има потреба од прекувремена работа.
