Здравство

Продолжува неизвесноста околу покачувањето на платите на здравствените работници, реагираат синдикатите

05.05.2023 14:47

Покачувањето на платите на здравствените работници сè уште неизвесно, реагираат од синдикатите. Најавуваат штрајк доколку не се исполнат нивните барања...

Демотивирани здравствени работници кои го губат ентузијазмот – во здравството се случува тивок или бел штрајк, тврди синдикатот. Вработените не го добија ветеното зголемување на платата од две до три илјади денари, револтирани се од игнорантскиот однос на Владата. Не ја исклучуваат можноста од порадикални мерки, односно генерален штрајк.

„Бел штрајк значи демотивираност на вработените и тие ги одлагаат интервенциите, не се заинтересирани во делот на работата и тоа е опасното кое се случува во здравствениот систем. Белиот штрајк е поопасен од генералниот штрајк. Таа демотивираност значи и незаинтересираност на вработените во пружањето на здравствена услуга. Мислам дека ова треба што побрзо да се надмине“, изјави Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.

Неизвесно е како ќе биде исплатена априлската плата, бидејќи анексот на колективниот договор со кој треба да се реализира зголемувањето не е потпишан.

„Нека ни кажат дали им треба јавно здравство во оваа социјална држава каде што 90 посто од граѓаните се лекува во клинички центар и во другите болници или треба сите да одат приватно. Секој ден лекари, сестри, административци ги напуштаат работните места си одат од државата“, изјави Предраг Серафимовски, претседател на Синдикатот на клинички центар.

„Седум месеци не мотаат од министерство во министерство за три илјади со две илјади денари, одеднаш се случува нивно покачување од 78 проценти. Се чувствуваме како ретардирани“, рече Стојка Наќеска, лаборант.

Следното барање на здравствените работници ќе биде зголемување на коефициентот.

 

 

 

Андријана Ѓурческа