Русија-САД

Лавров: Русија ќе одговори со конкретни акции

05.05.2023 15:08

Русија и Соединетите Американски Држави ја вжештуваат реториката. Москва го обвини Вашингтон дека стои зад нападот со дрон врз Кремљ чијашто цел била убиство на Путин. Белата куќа одговори – таквите тврдења се обична лага. САД негираа каква било вмешаност во инцидентот …

Шефот на руската дипломатија лавров рече дека Москва ќе одговори со конкретни акции на нападите со дронови врз Кремљ. Рече дека тоа е направено со поддршка на Вашингтон.

„Јасно е дека тоа беше непријателски чин. Апсолутно е јасно дека терористите од Киев не можеа да го извршат без знаење на нивните сопственици. А ние ќе одговориме не со разговор, туку со конкретни дејствија. Колку тоа ќе влијае на ситуацијата околу Украина? Не очекуваме повеќе инциденти или провокации“, изјави Сергеј Лавров, руски министер за надворешни работи.

Според прес-службата на рускиот претседател Владимир Путин, Киев ноќта на 3-ти мај се обидел да ја нападне претседателската резиденција со два дрона, кои се соборени. Во инцидентот нема повредени. САД ги негираат руските тврдења и ги оценија како обични лаги.

„Знам дека има многу прашања во последните 24 часа околу овој наводен напад со беспилотно летало во Кремљ. Сè уште се обидуваме да собереме информации за тоа што се случило. Едно можам да ви кажам со сигурност е дека Соединетите држави не беа вклучени во овој инцидент на кој било начин, спротивно на лагите на г. Песков. Русија продолжува да води брутална војна против украинскиот народ и ние сме посветени да продолжиме да ја поддржуваме Украина додека тие ја бранат својата земја од таа агресија“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.

Во меѓувреме, помошник генералниот секретар на НАТО за безбедност, Дејвид Катлер предупреди дека постои значителен ризик Русија да ја нападне клучната инфраструктура во европска или Северна Америка.

 

Марина Ристова