Македонија

Одбележан денот на македонскиот јазик

05.05.2023 15:25

На 5-ти мај се одбележува денот на македонскиот јазик. Иако сите се согласуваат дека мајчиниот јазик е заштитник на идентитетот и корен на нашето битие, сепак, на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет работите се далеку од розови – годинава се запишани само седум студенти оти младите не гледаат можности за вработување. Решение се гледа во новиот Закон за употреба на македонскиот јазик...

Интересот за студирање македонски јазик на Филолошкиот факултет бележи тренд на опаѓање – признава раководителката на катедрата Пановска-Димкова. За разлика од минатата година, кога имало 22 запишани студенти, оваа има само седуммина. Според неа, интересот е намален поради немање доволно можности за вработување на кадарот.

И медиумите не се за пофалба, има многу јазични грешки – вели Ленче Смилевска од јавниот сервис. Таа смета дека се потребни повеќе лектори и обука на сите кои настапуваат пред микрофон.

Министерката за култура изрази надеж дека ќе се подигне свеста за мајчиниот јазик.

На одбележувањето на денот, претседателот Пендаровски оцени дека македонскиот јазик е заштитник на нашиот идентитет и корен на нашето битие, а премиерот Ковачевски оцени дека статусот на македонскиот јазик како рамноправен со сите јазици во ЕУ е неприкосновен. Дипломати го честитаа денот со честитки на македонски.

 

Ана Јосифоска Тодоровска