Тетово

Потребна опрема за ефикасно справување со пожари во Тетово

06.05.2023 12:12

Со стара претежно донирана опрема, тетовските пожарникари гасат пожари во регион со над 200.000 жители. Интервенциите најчесто знаат да бидат задоцнети, поради големата далечина на соседните рурални општини, каде нема оформени противпожарни единици, па и таму пламените јазици ги гасат тетовските пожарникари...

Тетовските противпожарни возила, патуваат и до 30 километри пат за одредени интервенции. Низ метеж, на места и низ руинирани патишта.

Акциите не секогаш се успешни, поради големата далечина. Од Општината Тетово велат дека работаат на решавање на проблемот.

Советот веќе донел одлука Противпожарната единица Тетово да отвори потстаници за петте рурални општини од тетовско.

Авни Амети, командир на противпожарната единица Тетово, вели дека очекуваат во скоро време првата потстаница да биде отворена во Жеровјане.

Се надеваат дека руралните општини ќе се вклучат во овој процес оти во законот стои дека сите општини кои немаат формирано противпожарни единици треба да партиципираат со човечки и други ресурси. Се надеваат и на помош од државата.

Во тетовската пожарна има педесетина помалку пожарникари од законски предвиденото. За трите потстаници кои ќе бидат формирано во тетовските рурални општини ќе треба дополнително да се вработат уште 80 пожарникари.

 

Зоран Димовски