Куманово

Етапно ќе се реконструира Соколана

07.05.2023 12:25

Обезбедени се неопходните дозволи и еден од најзначајните спортски објекти во Куманово, Соколана, ќе продолжи да се реконструира. Препознатливиот објект изграден во доцните 20-ти години на минатиот век некогаш беше дом на врвни спортски имиња. Општината со свои средства ќе ја започне реконструкцијата...

Најзначајниот спортски објекти Соколана во Куманово ќе продолжи да се реконструира, но етапно. Тендерската постапка за засилување на статиката и промена на покривот е завршена и добиена е градежна дозвола. Инвестицијата ќе продолжи да ја реализира Општина Куманово, откако Владата додели па подоцна и ги одзеде деветте милиони денари. Соколана е еден од најзначајните спортски објекти во најголемата општина во земјава и е под заштита на државата.

„Изработивме проект за којшто чекавме повеќе од година дена за добивање согласност и конзерваторско мислење. Од моментот кога ги обезбедивме сите согласности и требаше да ни биде дадена дозвола бидејќи станува збор за објект под заштита на државата, беше донесена дозволата од Министерството за транспорт и врски, а веднаш потоа експресно укината. Реагиравме до министерството на што ни образложија што дополнително треба да обезбедиме како документација и конечно пред седум дена ја добивме дозволата“, рече градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Спортскиот објект Соколана датира од доцните 20-ти години на минатиот век. На ова место се играле најдобрите турнири од поранешна Југославија. Кумановци со години бараат да се врати стариот сјај. Објектот пред неколку години се врати во владение на општината, заедно со спортската сала, градскиот стадион и стрелиштето. Пред две години Владата и Агенцијата за млади и спорт го реконструираше игралиштето.

 

 

Елена Георгиевска