Крунисан британскиот крал Чарлс Трети
Крунисани се Кралот Чарлс Трети и Кралицата Камила. Централната церемонија во Вестминстерската опатија, којашто е традиција долга 1000 години, ја следеа претставници од над 200 земји, од кои стотина се челници на држави, вклучувајќи го и претседателот на земјава Пендаровски.

Обединетото Кралство официјално има нов монарх. Крунисани се Кралот Чарлс Трети и Кралицата Камила. Централната церемонија во Вестминстерската опатија, којашто е традиција долга 1000 години, ја следеа претставници од над 200 земји, од кои стотина се челници на држави, вклучувајќи го и претседателот на земјава Пендаровски. Меѓу присутните и голем дел од светскиот шоу-бизнис. За разлика од принцот Вилијам, Војводата од Сасекс дојде без своето семејство. Ерата на владеењето на новиот крал е поздравена од мнозинството од народот. Најверните симпатизери на кралското семејство со денови кампуваа на улиците на Лондон за да успеат од прв ред да ја следат поворката на новиот крал. Покрај верската, беше организирана и воена церемонија која се смета за најголемата во последните 70 години.
„Сите се дружељубиви, весели, како да сме на забава. Убаво е. И времето – да не го урочам – е на наша страна. “
„Секогаш сум се интересирала за кралското семејство. Ги следев историските моменти на интенет, како и другите. Но денеска сакав да дојдам овде и да бидам дел од тоа.“
Пред крунисувањето, група антимонархисти одржаа протест. Неколкумина се приведени. Извикувале „Не е мој крал“ и „Модерните земји си ги бираат лидерите, не сакаме крал, сакаме република“.
„Во ред е да се направи забава, но не сакаме монархијата да е дел од политичките институции и естаблишментот. Тие се симбол на меката моќ, стекнатите права, и се многу застарен феудален систем во земјата во која немаме ништо од модерната демократија во која сакаме да живееме.“
„Британската монархија е многу лоша институција, републиканизмот е во суштина поради љубовта кон земјата, а не омраза. Тоа мора да се нагласи.“
Кралот Чарлс е роден на 14 ноември во 1948, а три години подоцна стана прв во линијата за наследство откако почина Кралот Џорџ Шести, по што тронот го презеде неговата мајка Елизабета Втора. Ја прекина кралската традиција откако реши наместо во војска да оди на факултет веднаш по училиштето. Студираше археологија и антропологија на Кембриџ, пред да се пренасочи на историја.
На 21-годишна возраст ја доби титулата „Принц од Велс“, а по студиите отслужи воен рок во морнарицата. Во 1977 година се запозна со 16-годишната Дијана Спенсер, со која се венча во 1981 година. Во 1982 двојката го доби синот Вилијам, а во 1984 година – Хари. Двојката се разведе во 1996 година, а една година подоцна, Дијана загина во сообраќајна несреќа. Кралот Чарлс се вери со Камила осум години подоцна.
Маја С. Филдишев
