Битола

Битола ги отвори вратите на „Европската куќа“

06.05.2023 15:05

Денеска на Денот на Европа 2023-свечено се отворени вратите на Европската куќа во Битола, тоа е едно ново урбано место каде младите ќе можат да де дружат, да споделуваат мислење, да организираат настани, да се запознаваат и да усвојуваат европски вредности. „Europe house“ се наоѓа во центарот на градот, во Офицерскиот дом кој неодамна беше зачуван со финансиска поддршка на Европската унија. На отворањето присуствуваа евроамбасадорот Дејвид Гир и градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, министерката за култура Бисера Костадиновска - Стојчевска и вицепремиерот Фатмир Битиќи. Ова е четврта по ред Европска куќа во државава...

Во пресрет на одбележување на Денот на Европа, во зградата на Офицерскиот дом во Битола, отворени вратите на четвртата по ред Европската куќа во земјава. Градоначалникот Коњановски очекува од новото урбано место да произлезат многу дискусии и идеи кои ќе гарантираат напредок за младите генерации.

„Преку куќата на Европа очекувам нашите заеднички заложби и соработка да се претворат во успешни придобивки за младите генерации кои ќе продолжат да ја градат европската иднина“, вели градоначалникот Коњановски.

Куќата на Европа во текот на својата 4-ипол годишна работа во земјава има организирано 1.700 настани во кои учество имаат земено повеќе од 72 илјади учесници.

Првата Европска куќа беше отворена во ноември 2019 во Скопје, потоа уште две во Крива Паланка и Струмица, во следниот период ќе биде отворена и Европска куќа во Велес.

 

 

Александра Максимовска